Обвинителството и комисија од МВР ќе ги испитуваат причините за падот на полицискиот хеликоптер

Механички дефект, пилотска грешка или налет на силен ветер?

Полицискиот хеликоптер денеска сеуште беше на пистата на скопскиот аеродром а наоколу беа делови од елисата кои можеа да се видат и на стотина метри оддалеченост.

Денеска околу пладне почна увидот на местото на незгодата и по завршувањето хеликоптерот ќе биде преместен на безбедна локација за да се спречи евентуално влијание врз доказите односно деловите.
Причината за вчерашната незгода и падот на полицискиот транспортер заеднички ќе ја испитуваат обвинителството и комисија од МВР која ја формираше министерот Наќе Чулев.

Тие веќе се координираа и денеска заедно излегоа на терен.

Комисијата на МВР е составена од пилоти, воздухопловни и сообраќајни експерти и  службеници од Агенцијата за цивилна воздушна пловидба.

Засега официјални информации се дека инцидентот се случил во 11.30 часот а хеликоптерот во кој бил петчлениот екипаж бил на тренажен лет и слетал на скопскиот аеродром да наполни гориво.

Полицискиот транспортер МИ-171 кој вчера се урна е од руско производство а набавен е во 2009 година.

Хеликоптерот пред две години е модернизиран и надграден со опрема за инструментално и ноќно летање, како и за термално набљудување на терен.  Често бил користен и за мисии за наоѓање и спасување, медицинска евакуација односно познатите САРХЕМС воздушни операции.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ