Обвинителство: Дрисла не загадува

Дрисла не го загадува воздухот во Скопје, ова е резултатот на предистрага на обвинителство. Две години откако отвори предмет по допрен глас обвинителството го затвори со одлука дека нема докази за незаконско согорување на медицински отпад на депонијата, поради што нема да се води истрага против никого.

Врз основа на прибраните обемни податоци и релевантни докази, а особено од извршените тестирања и анализи, не произлезе дека од депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци, спротивно на прописите за заштита на животната средина, биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество со кои би се предизвикало значително оштетување на квалитетот на воздухот и опасност за животот и здравјето на луѓето, како и уништување на животинскиот и растителниот свет, констатира обвинителството.

Во 2017-та инспекторите утврдиле дека печката за горење на медицински отпад испуштала честички над граничните вредности, по што следела парична казна и било ограничено времето на горење отпад, но во 2018 депонијата набавила нови филтри и вовела измени во печката по што емисијата на загадувачки супстанци била во границите на дозволеното со правилникот, истакнуваат од обвинителството.

Од ноември 2018-та до март 2019-та Факултетот за информатички науки поставил инструмент во кругот на Дрисла а мерењата покажале дека најголем дел од резултатите се во границите, а периодите кога има надминување биле кратки максимум од  70 до 80 микрограми на метар кубен. И водата за пиење во Дрисла која ја испитувал Центарот за јавно здравје била во рамки на законските прописи, велат од скопското обвинителство.

Екологистите се сомневаа во незконско работење на Дрисла и протестираа пред портите на депонијата. Изразија сомнеж  за тоа што се согорува во печките на депонијата и дали незаконски се увезува отпад од други земји. Надлежните негираа дека Дрисла е одговорна за аерозагадувањето. Други невладини пак ја тужат државата пред граѓанскиот суд за кршење на правото на здрав живот и животна средина. Кои се причините за енормното загадување не постои единствен став во општеството, но и понатаму главниот град ги достигнува врвовите на листите на градови со најзагаден воздух во светот.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ