
Обвинителката Русковска бара построги казни за носителите на јавни функции
Законите и правото најмногу важат и се применуваат кај граѓаните, а носителите на јавни функции кои треба да бидат пример и да ги спроведуваат а не да ги кршат законите често минуваат со поблаги казни или неказнето. Шефицата на обвинителството за гонење на органзиран криминал, Вилма Русковска, смета дека казните за пратеници, обвинители и судии мора да бидат построги особено во делот на одредување на притвор или одземање на имунитет и со тоа да се дава пример и истовремено да се испраќа и порака.
Токму тим од ова обвинителство отвори и води истрагата против судија од Управниот суд кој прекршил низа закони и направил малверазции со државно земјиште во струшкото крајбрежје.
Со цврсти докази за злоупотреба на службената положба и овластувања против судијата, обвинителството побара да му се одреди притвор. Осомниечниот судија се повика на својот имунитет при распитот во кривичниот суд и беше пуштен на слобода.
Неколку часа подоцна судскиот совет на затворена седница му го одзеде имунитетот но и го укина барањето за притвор на тимот на Русковска.
Од кривичниот суд информираат дека осомничениот судија од Управниот суд утре треба да се јави на распит кај судија на претходна постапка и додаваат дека на потег е обвинителството кое треба да предложи нови мерки.
Истрагата на обвинителството за организиран криминал утврди дека судијата од Управниот суд незаконски постапил во предмет за денационализација и доделил државна парцела вредна околу 200 илјади евра во приватна сопственост.
Парцелата се наоѓа во Струга крај брегот на езерото. Тој во времето кога бил адвокат, го застапувал сопственикот на парцелата и добил пресуда за исплата на пари како надоместок.
Меѓутоа откако бил избран за судија во Управниот суд, неговиот клиент повторно поднел тужба а судија го зел предметот кај него иако не смеел.
Тој свесно го штител тужителот во текот на постапката, донел пресуда во негова корист и потоа не доставил копија до правобранителството и ги спречил да вложат жалба.
Oгнен Чанчаревиќ