
Обвинителката молчи, судијата смета дека е предвремена, адвокатите поделени за амнестијата
Обвинителката Вилма Рускоска молчи, судијката Добрила Кацарска вели дека законот за амнестија е предвремен, адвокатите се поделени. Вакви се реакциите на вклучените во судскиот процес за „Kрвавиот четврток“ во кој има 33-ца обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок. А законот токму во делот за овој процес со ова дело вели дека нема да бидат амнестирани:
Извадок од закон за амнестија
-
Лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила
-
лица кои сториле насилство
-
лица кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали и
-
лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело.
Но, кој што сторил за сега пресуда нема, туку само обвинение. А токму и мислењето на обвинителката Вилма Рускоска ќе биде пресудно за тоа каква одлука ќе донесе кривичниот совет. Но, спорно и контроверзно е тоа што во текот на процесот можеа да се видат различни докази и сведочења за тоа на пример дали некој носел оружје, а оружјето не е пронајдено, или пак дали некој носел маска, но во исто време дали употребил физичка сила или не. Кој постапил спротивно на службените овластувања, се уште не е прецизирано. Сепак адвокатите се поделени. За едни законот е контроверзен за други не.
Според судијката Добрила Кацарска која го води случајот законот е предвреме донесен.
„Многу нејасноти има, ваков закон до сега не сме имале. Според мене ни еден факт не е докажен додека не се докаже во постапка, а тоа е додека целосно не заврши процесот. Во оваа фаза не требаше да се носи ваков закон и сметам дека е пред време донесен“, вели Добрила Кацарска – судија.
Телма контактираше со дел од обвинетите. Речиси сите размислуваат да поднесат барање за амнестија, а дел и очекуваат дека ќе ја добијат. Меѓу најризичните и спорните се припадниците на МВР без разлика дали се од командиот штаб, внатрешно или лично обезбедување.
Спорно е и кој од маскираните ќе влезе на листата амнестирани. Најсигурни дека ќе ги опфати амнестијата се пратениците. Според законот нема да биде амнестиран тој што извршил дело „Здружување заради непријателска дејност”, а таков за сега е еден осомничен Владимир Атанасовски, екс началникот на УБК. Рускоска во неколку наврати најави дека ќе чека да го види законот, па можно е да го преквалификува делото и за 33-цата. Во законот уште пишува дека оние кои ги организирале настаните од „Крвавиот четврток“ нема да бидат амнестирани, но тие до сега не се ни пронаједени.
Билјана Николовска