
Обвинителите од СЈО утре се враќаат во матичните обвинителства
Обвинителите од СЈО утре се враќаат во матичните обвинителства.
Советот на обвинители треба само да го констатира престанокот на мандатот. Лиле Стефанова оди во јавното обвинителство за организиран криминал, Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска , Гаврил Бубевски и Трајче Пеливанов во Основното јавно обвинителство, Елизабета Јосифовска во ОЈО Кичево а Бурим Рустеми во обвинителството во Куманово.
Катица Јанева која доаѓа од обвинителството во Гевгелија останува во притвор. Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски вели дека Законот за СЈО мора да се почитува.
Предметите од СЈО ќе се преселат во јавното обвинителство. Не е исклучена можноста државниот обвинител Љубомир Јовески да ги прераспореди обвиненијата на обвинителите од СЈО кои ги водат.
Токму ваквата можност е остро критикувана од ВМРО-ДПМНЕ.
Предупредуваат дека брзоплети и експериментални решенија наместо права и правна држава може да донесат само нов хаос и правен пазар.
СДСМ го обвинува ВМРО-ДПМНЕ за правни и политички игри со цел да се овозможи амнестија на поранешни функционери преку стопирање на истрагите за нив.
Сепак и власта и опозицијата инсистираат на носење ново законско решение за јавното обвинителство.
Иако законот повеќе не е ургентен, работните групи деновиве повторно ќе заседаваат за новите предлози кои ги достави Министерството за правда.
Јулијана Пешевска