Обвинетите за убиството на Саздовски не го прифаќаат обвинението

Почна судењето за убиството на младиот Никола Саздовски. На почетокот, обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири  се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за убиство.

Јавниот обвинител Ангел Фидовски рече дека ќе докаже дека двајцата обвинетите заедно со третообвинетиот, кој е во бегство, со умисла го лишиле од живот Никола Саздовски на начин што на 29.6.2018 на автобуската кај „Алкалоид“ го претепале нанесувајќи му смртни повреди. Тие му побарале лична карта и го прашале дали тој е Саздо. Тој потврдил и почнале да го тепаат по што Саздовски  паднал на тротоарот, а обвинетите без милост со клоци продолжиле да го удираат по глава и градите. Саздовски бил префрлен на КАРИЛ, каде му била констатирана мозочна смрт, а на 9 јули починал. Обвинителот рече дека ќе докажат дека обвинетите го сториле убиството за што имаат сведоци, но и вешти лица од судска медицина кои правеле обдукција на телото на Саздовски.

Во воведен говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта која настапила е поради металната кутија на ЕВН која се наоѓа на автобуската постојка.

По паузата, рочиштето продолжи со сведочење на девојката на Саздовски, што беше затворено за јавноста. По завршување на рочиштето, адвокатот на семејството на починатиот, Ванчо Шехтански рече дека е задоволен од исказот на девојката. Но, така не мисли одбраната. За Рауфи, поради притисокот од јавноста, обвинителството го преквалификувало делото.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ