Обвинетите сами ќе одлучуваат дали ќе бидат амнестирани

Никој не открива што точно содржи законот за амнестија. Седницата на комисијата за помирување се одложи и денеска, а увид во драфт верзијата засега имаат само пратеничките групи. Се знае само дека, сите што ќе бидат амнестирани, по донесувањето на законот ќе треба да поднесат барање до судот, за да може да почне постапката за амнестија. Од Комисијата велат дека оваа можност е дадена од причина што некој можеби нема да сака да биде амнестиран и ќе сака да ја докаже својата невиност пред суд. Во медиумите постојано варира и бројката на амнестираните и се движи меѓу 40 и 50 од вкупно 70 обвинети за настаните од 27 април. Официјално се знае дека, ќе има степенување на делата, како организација, учество во толпа, насилство и слично, додека за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок„, најверојатно ќе биде преквалификувано во „Здружување заради непријателска дејност„. За ова дело ќе одговараат 7 до 8 лица од 33 за кои судскиот процес е при крај.

Ниту министерката за правда денеска не сакаше да открие детали за законот.

Во меѓувреме, коалиционите партнери во власта се двоумат за амнестијата. Претседателот на ЛДП, Горан Милески, отворено порача дека најверојатно нема да го поддржи законот. Смета дека треба прво да се донесе пресуда за случајот, а законодавната и извршната власт да не се мешаат во работата на судовите. На иста линија е и Павле Трајанов од Демократски сојуз, кој преку партиско соопштение укажа дека,  доколку законот се донесе предвреме, тешко ќе се откријат сите инволвирани во настаните, а селективната правда дополнително ќе го охрабри претседателот Ѓорге Иванов, да донесе одлука за аболиција на организаторите и насилниците. Бара законот за амнестија да стапи на сила истовремено со изгласувањето на уставните измени.Измените, пак, утре влегуваат во третата фаза од донесувањето. Комисијата за уставни прашања, на попладневна седница ќе ги разгледува  владините предлог-амандмани, извештајот од јавната дискусија и уставниот закон што треба да биде донесен за да можат тие да бидат спроведени.

 

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ