
Обвинетите пратеници ги повлекоа доказите во процесот за 27 април
Петмината пратеници обвинети за насилствата во Собранието од 27 април на денешното рочиште не го искористија своето право и не дадоа искази во своја одбрана. Нивните адвокати повлекоа голем дел од доставените материјални и писмени докази како и сведоци.
На денешното рочиште, на барање на одбраната на Крсто Мукоски, сведочеше Марија Ангелова поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен кандидат за градоначалник на Општина Чаир од таа партија. Во својот исказ таа потврди дека на 27 април влегла во Собранието и дека се задржала петнаесетина минути. Голем дел од исказот се однесуваше на коуникација во Вибер група, за која таа тврдеше дека станува збор за стара група која била направена во времето кога била пратеник и нагласи дека се што било напишано од неа тој ден било во афект.
Во текот на доказната постапка на обвинителството беше презентирана комуникацијата од Вибер група од телефонот на обвинетиот Мукоски каде еден телефонски број беше заведен како „Колешката од Чаир“ од кој беше пишувано да се отворат вратите на Собранието и „да и се остави Шеќеринска на неа“ .
Одбраната на пратеникот Љупчо Димовски пак презентираше снимки од негови телевизиски настапи за да докаже дека гестикулацијата на Димовски за време на упадот е махинално движење
На денешното рочиште и обвинетиот Митко Чавков не даде исказ а неговиот адвокат ги повлече тројцата сведоци меѓу кои и полицискиот функционер Бесир Дехари.
Огнен Чанчаревиќ