
Обвинение за возачот на камионот кој усмрти полицаец и патник на скопската обиколница
Возачот на камионот МАН е обвинет за сообраќајката на скопската обиколница во која загинаа еден полицаец и еден патник. Скопското обвинителство денеска поднесе обвинение бидејќи тој не се придржувал кон сообраќајните правила.
Според обвинителството камионот со десните тркала се движел по третата сообраќајна лента која се користи за принудно запирање поради што и удрил во бмв ето со гостиварски регистрации кое било сопрено од полициска патрола.
Од ударот автомобилот удрил во полициското јети и металната ограда.
“Автомобилот БМВ се запалил, при што сопатникот во возилото се здобил со изгореници и починал на лице место. Полициското возило исто така се придвижило нанапред и удрило во пешаците – возачот на автомобилот БМВ кој бил излезен надвор од својот автомобил и двајца полициски службеници. Сите тројца се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје” – соопшти Основното јавно обвинителство.
Несреќата се случи минатиот петок а во неа загина совозачот во бмв то и еден од полицајците. По ова реагираше и полицискиот синдикат поради загрозената безбедност на сообракајната полиција која мора да стои на автопат и да ја контролира брзината со која се движат возачите.
Од МВР известија дека ќе формираат работна група која ќе треба да работи на измени со кои наместо полиција камери и радари ке ги ловат возачите кои не ги почитуваат сообракајните правила.
Во меѓувреме возачот на камионот е во притвор а обвинителството бара да му се продолжи.
Билјана Николовска