
Обвинение за браќата Цветковски за напад на полицаец во Марино
Обвинителството покрена обвинение за синовите на екс градоначалникот на Петровец Ѕвонко Цветковски поради тепачката пред дискотека во скопско Марино, кога прободен со нож беше полицаецот Филип Филиповски. Едниот одговара за тешка телесна повреда а неговиот брат за помагање при извршување на истото кривично дело.
-На 23 март годинава, 19-годишниот обвинет, помогнат од неговиот 20-годишен брат, со умисла нанел тешка телесна повреда на едно лице пред дискотека во скопското село Марино. Оштетениот пред тоалетот на дискотеката најпрвин физички бил нападнат од постариот брат, кој го удрил со бокс во пределот на лицето. Потоа пред дискотеката бил пресретнат од обвинетите, при што помладиот брат дошол од неговата лева страна и со нож го прободел во левиот долен дел на стомакот, нанесувајќи му тешки телесни повреди и оштетување на бубрегот и на слезината. По настанот, двајцата обвинети со возило заедно го напуштиле местото, информираат од обвинителство.
Обвинетите се бранат од слобода со мерки на претпазливост: забрана за напуштање на местото на живеење, привремено одземање на пасош, обврска повремено да се јавуваат во суд и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со оштетениот и со сведоците.