
Обвинение за Анѓела, девојката на убиениот Пино Секондо, Али Фуркан се уште во бегство
Анѓела Ѓорѓиевска, девојката на Пино Секондо е соучесник во неговото убиство. Такво обвинение денеска поднесе обвинителството кое ја затвори истрагата без убиецот, Али Фуркан. Тој е во бегство и е недостапен за истражителите.
Според она што го пишува обвинителството, кобната вечер токму девојката го намамила Пино кај насипот во населбата Ѓорче Петров. Кога Пино пристигнал, таму бил веќе дојден осомничениот за убиството, Али Фуркан кој со себе носел пушка. Фуркан го оставил своето возило Опел Аскона и со шкодата на Пино се упатиле преку обиколница до Арачиново. Возел Али Фуркан, девојката седела на совозачкото место додека Пино бил на задното седиште. Во Арачиново застанале во нива и првин се карале по што започнала тепачка. Во еден момент Фуркан со пушката го застрелал во главата Пино.
Притоа, обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе, стои во обвинението.
Телма дознава дека за сега не е пронајдена шкодата на Пино во која се возеле и убијците, а не е пронајдена ниту пушката. Дел од она што се случувало во својот прв исказ го раскажала Анѓела Ѓорѓиевска, но подоцна се бранела со молчење. Врз неа се направени психолошки вештачења кои укажувале дека Анѓела по малку уживала што две момчиња во исто време се интересирале за неа и се натпреварувале.
Нејзините адвокати не сакаат да го коментираат обвинението се додека не го видат. Таа е веќе во притвор но сега повторно е побарано да и се продолжи бидејќи постои опасност да избега како што тоа го сторил и Фуркан, но и да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите.
Инаку мајката на Пино Секондо, Маја Трпковска со месеци трагаше по својот син и ја обвинуваше полицијата за неспособност. Скелетот закопан во дупка и покриен со камења беше случајно пронајден во шумата над Љуботен на крајот на април годинава. Но целосно распаднат и расргнат што уште повеќе ја успоруваше истрагата. Кривичниот суд ќе треба да го разгледа обвинението и доказите и доколку го прифати да закаже почеток на судењето.
Билјана Николовска