Обвинение против Михајлоски за заканите за убиство на Тричковски

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – Загрозување на сигурноста од чл.144 ст.4 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот се товари дека на 16.06.2017 година, по пат на информатички систем, се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна. Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот“ соопштија од ОЈО.

Иако обвинетелството не ги спомена имињата во овој случај, се огласи актерот Тони Михајловски кој воедно е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерот на Фејсбук профилот објави дека не колеба да продолжи да дејствува како и досега.

„Ко што рече Ѓеро на насловна “Премиерно ќе го крка Тони Шанац”. Но, животот е тркало. Час си горе, час долу. Тоа што ме има во вашите црни тефтери за отстрел, што ги спомнуваше великиот режисер, само ми е доказ дека треба продолжам како и до сега“, објави Михајловски на Фејсбук.

Михајловски во една прилика против колумнистот напиша дека можел да го убие и око да не му трепне. Тричковски истакнува дека постојаните закани направиле да се чуствува загрозено и затоа случајот го пријавил пред надлежните власти.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ