
ОБСЕ: Се одолговлекуваат судењата на предметите на СЈО
Главниот проблем на судењата на предметите на СЈО е прашањето на ефикасноста и брзината на одвивање на кривичните постапки, пишува мисијата на ОБСЕ во Македонија, во последнот извештај за предметите на СЈО. Се чини дека судењата се одвиваа бавно и долго, во основа поради две причини: затоа што начинот на изведување на доказите пред судечкиот совет не е соодветен и поради честите одолговлекувања и одложувања на закажаните расправи.
ОБСЕ пишува дека во најголемиот број судења, изведувањето на материјалните докази се вршеше пред да биде слушнат исказот на повиканите сведоци. Дополнително, се чини дека обвинителите не ги поседуваат потребните вештини или не се подготвени пред судот да ги изведат само релевантните докази со кои се потврдуваат наводите од обвинителниот акт, што пак како резултат води кон одолговлекување на судските расправи. Што се однесува до судиите, се чини дека тие се премногу толерантни и ги прифаќаат различните барања на странките во однос на предлагањето докази, пишува ОБСЕ во извештајот.
Истовремено, одбраната ги користеше сите можности што ги имаат во согласност со законот, во обид да го забави одвивањето на судските процеси.ОБСЕ во извештајот пишува и дека без разлика на фактот што важечката правна рамка предвидува обврска за обвинителството да го запознае обвинетиот со доказите што ги поседува против него и да го извести за евентуалните докази што одат во негова полза, овие законски одредби не секогаш се почитуваат во пракса. Извештајот завршува со препораки до правосудниот систем, како и до законодавната и извршната власт.
ОБСЕ препорачува навремено и целосно споделување на сите докази со одбраната, потоа да се подобрат вештините за презентација на обвинителите во судница. На адвокатите им се препорачува да ги прифаќаат само оние предмети за кои се сигурни дека можат да понудат ефикасно и квалитетно правно застапување, а на судовите да ги одложуваат расправите само кога тоа го бараат и им оди во полза на обвинетите кои навистина не се во состојба да присуствуваат.