
Образование на ДУИ, Правда на СДСМ, Култура на БЕСА
Заменик – министерот за образование, Арбр Адеми, ќе ја замени фотељата со министерска. Се уште актуелната министерка потврди дека токму тој ќе биде нејзиниот наследник, шегувајќи се со новинарите кои и бараа изјава.
Повторно во шега, Дескоска ги потврди и шпекулациите дека таа останува министер, но овојпат за правда.
Поранешниот амбасадор во Данска, Асаф Адеми, не успеа да стане градоначалник на Гостивар, но затоа сега ќе биде министер за култура. Информацијата ја потврдија од БЕСА, кои го номинираат за позицијата на која досега беше Роберт Алаѓозовски.
Тврдат дека се уште преговараат за тоа, во кои две министерства ќе добијат заменички функции и кои лица ќе ги водат. Во јавноста се шпекулира дека ќе добијат заменици – министри во Министерството за надворешни работи и Министерството за труд и социјална политика. Истовремено се пополнуваат и договорените министерски места за останатите партнери во власта.
ДПА објави дека за министер без ресор задолжен за странски инвестиции ќе биде предложен Бардул Даути, додека заменик-министер во Министерството за транспорт и врски ќе биде Мусадик Беќири.
Премиерот не ги открива имињата на останатите функционери кои ќе бидат опфатени со реконструкцијата, но откри дека списокот утре ќе биде доставен до Собранието.
Заев се надева дека до крајот на овој месец, неговите предлози ќе бидат ставени на дневен ред пред пратениците.
Далиборка Демјанска