
Обезбедена тримесечна терапија за пациентите со ретки болести
На лицата со ретки болести обезбедена им се апчиња за три месец, поточно април, мај и јуни, информира денеска министерството за здравство. За оние пациенти пак кои примаат ампуларна терапија обезбеден е сигурен и изолиран пристап до соодветните Клиники. Од Министерството информираат и дека со почетокот на коронавирусот во земјава, направена е дистрибуција до сите јавно-здравствени установи кои лекуваат пациенти со ретки болести и оти во моментов нема недостиг од ниту еден лек, а пациентите имаат подигнато терапија за дав-три месеци. За најголемиот дел од лековите во Клиниките има лекови до јуни 2020 година.
Заклучно со март 2020 година, во Регистарот се регистрирани 530 лица со ретка болест. Од нив над 150 лица се со Цистична фиброза за кои се обезбедува терапија преку Фондот за здравствено осигурување. Преку Програмата за лекување на ретки болести, се наведува во соопштението од министерството за здравство, во 2020 година ќе бидат набавени вкупно 35 лекови за пациентите со ретки болести и тоа три нови лека: за идиопатска пулмонална хипертензија (како трет избор на лек за оваа болест), за хередитарен ангиоедем (како трет избор на лек за оваа болест) и еден нов лек за терапија на Гоше (и за оваа болест веќе ќе има избор од 4 лека за лекување на овие пациенти).