Обемен и тежок е багажот на СЈО кој треба да го превземе Јавното обвинителство

Обвинителите од СЈО и нивните истражителски тимови од вчера се на принуден одмор а надмудрувањата во судниците и истрагите за нив се минато, барем додека не се реши статусот на СЈО.

Сега Јавното обвинителство е пред сериозен предизвик. Во нивни раце присстигаат дваесетина судски процеси кои тие ќе треба да продолжат да ги водат и да се изборат за осудувачка пресуда. Не помал предизвик се и петанесетина истраги кои ги водеше СЈО а за кои е запознаена јавноста како и стотина предистраги. Буквата „Т“ ќе стане нивно секојдневие.

Шеснаесет судски процеси кои се во различна фаза и три пред апелација доаѓаат во рацете на обвинителите од јавното обвинителство и обвинителството за гонење на организиран криминал. Некои од нив, како „Монструм“, по втор пат. Неколкумина обвинети клучни за повеќе процеси се во бегство.

„Титаник“, „ТНТ“, „Тврдина Таргет“, „Тортура“, „Трезор“, „Траекторија“, „Монструм“ и „шамарите во Центар“ се во фаза на доказна постапка или на сослушување на сведоци предложени од обвинителството и треба да се приведат кон финиш и изрекување на пресудата. Неколку процеси како „ Траекторија“, „Титаник 3“, „Тврдина 2“ и “Тотал“ тапкаат во место и се на самиот почеток а „Талир“ воопшто не е почнат. Неколку процеси на кои беше изречена пресуда се кај Апелација од која зависи дали ќе има повторно судење. Тоа се  „ Тревник“, „Триста“ и „Титаник 2“.

За разлика од предметите кои се во судска постапка и каде доказите се прибрирани, од СЈО пристигаат и петнаесетина истраги каде се сомничат политичари и моќни бизнисмени. Некои од нив, веќе со години се надмудруваат со обвинителите од СЈО благодарејќи на дупките во законот и нивните адвокатски тимови.

„Империја“, „Хармонија“ со Стевче Јакимовски и Никола Груевски, „Попис“ со Али Ахмети и Никола Груевски, „Моќник“ со Антонио Милошоски, „Подарок“ со Зоран Ставревски, „базни Станици“ со Жарко Луковски, „Друмарина“ со Силвана Бонева, „Рентген“ со Никола Тодоров, „Талир 2“, Странски Служби“, „Поштенска банка“… Овие истраги допрва треба да се завршат ио да се соберат доволно докази за да се поднесе обвинителен акт.

Точен број на предистраги не е познат. Според последниот извештај на СЈО, кој датира од март годинава во тоа обвинителство се воделе вкупно 243 предистраги. За разлика од колегите во СЈО, обвинителите од јавното и од обвинителството за организиран криминал не се притиснати со законски рокови за поднесување на обвинителен акт. Тие ќе можат до крај да ги истражат и истераат предметите кои СЈО ги отвори по истекот на законскиот рок од 18 месеци како што е на пример „Талир“ бидејќи Врховниот суд нема правна можност да ги оспори како што беше досега случај.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ