Новото одложување на надоместокот за резервите го покажува некоректниот однос на државата кон нас, велат нафтените компании

И оваа година приватните нафтени компании, Макпетрол, ОКТА и Лукоил, ќе треба да ги чуваат државните резерви со нафта без надомест од ниту еден денар. Пред неколку дена во Службен весник излегоа неодамна изгласаните измени на Законот за задолжителни нафтени резерви, со што државата повторно, за уште една година го пролонгира плаќањето на надоместокот, дури од стартот на 2020 година. Нафтените компании што ги чуваат резервите се револтирани, велат дека со ова власта го продолжува некоректниот однос кон нив.

Министерството за финансии, еднострано и наспроти сето она што беше разговарано во минатото, го усвои одложувањето на примената на Законот за задолжителни нафтени резерви, со што повторно, по четврти пат, ја одложи и примената на надоместокот за чување на задолжителните нафтени резерви за уште една година. Оваа активност го продолжува некоректниот однос кон компаниите кои ги чуваат задолжителните нафтени резерви без никаков надоместок, ја одржува нелојалната конкуренција на пазарот и е спротивна на вообичаената практика која се применува, како во Европската Унија, така и во земјите од соседството, едногласни се нафтените компании Макпетрол и ОКТА.

Граѓаните, пак, со секој купен литар гориво и плаќаат на државата за нафтените резерви, па по оваа основа таа годишно собира околу осум милиони евра, но фирмите што ги чуваат резервите, со години не добиваат надоместок. Оттука се поставува прашањето каде завршуваат парите кои ги плаќаат граѓаните?

Од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев велат дека за плаќањето Владата треба да донесе Уредба, на предлог на Министерството за финансии. Од таму објаснуваат дека измените на законот за задолжителни резерви објавени во Службен весник, не се однесуваат на плаќањето или неплаќањето на надомест за чување на резервите, туку на одлагањето на примената на новиот Закон.

Плаќањето на финансиски средства за чување на задолжителните резерви се утврдува во Уредба за утврдување на висината на надоместокот за чување и евапорација на резервите, која ја донесува Владата, на предлог на Министерството за финансии. Владата го задолжи Министерството за финасии да формира работна група и да ја изработи предлог-уредбата. За временскиот рок за изработка на Уредбата, ве молиме прашање упатете до Министерството за финансии, велат од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Од Министерството за финансии засега нема одговор на прашањето кога би можела да се донесе уредбата за плаќање на надоместокот. Неодамна од таму објаснија дека нафтените резерви се неопходни за државата да може со нив да им помага на училиштата за да обезбедат затоплување, но од повеќе одлуки во Службен весник во претходната година се гледа дека многу повеќе им се помага на Македонски железници транспорт и на Македонија пат, кои се загубари подолг период, па излегува дека сите граѓани плаќаат за загубите на овие претпријатија, кои слабо менаџираат со своите финансии.

И додека владините институции си ја префрлаат топката, проценките говорат дека приватните компании годишно трошат по 3 до 4 милиони евра за чување на државните резерви во своите резервоари. Тие во повеќе наврати досега предупредија дека доколку не се реши овој проблем, ќе престанат да ги чуваат, со што се доведува во прашање количината и квалитетот на нафтените резерви на државата.

За оваа проблематика имаше забелешки и во Извештајот на Европската енергетска заедница за минатата година.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ