Ново разногласие во ДИК

Последната уредба на Владата за изборите на 15-ти јули предизвика уште една конфронтација на мислења меѓу членовите на ДИК. Овој пат, се појави разногласие околу уредувањето на денот на гласањето како ден за изборен молк. Борис Кондарко уверува дека ова прашање е уредено со Изборниот законик. Според него,  неточно е мислењето на Оливер Деркоски, кој во интервју за Телма посочи дека Владата, намерно или не, го испуштила ова прашање.

Деркоски се согласува – во Изборниот законик е наведено дека изборната кампања е забранета на денот на гласањето, но наведено е и дека се работи за недела, а не за среда. Сепак, најавува дека секое прекршување на молкот ќе биде санкционирано.

И министерот Чулев, на заедниката прес конференција со Деркоски, најави дека нема да се толерираат изборни нерегуларности. Во МВР е формиран и Републички оперативен изборен штаб, со кој раководи директорот на Бирото за јавна безбедност.

На овие избори, право на глас имаат околу милион 814 илјади избирачи. Иако пред неколку недели Кондарко и Деркоски имаа несогласување дали пречистувањето на Избирачкиот список треба да почне од почеток или да продолжи кадешто застана во март, сега се согласуваат дека е пречистен и в среда треба да биде заклучен.

 

Соња Николовска

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ