Ново обвинение за Стевчо Јакимовски за бесправно градење

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против 11 лица, меѓу кои и екс градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој е првообвинет и се товари за повеќе кривични дела Злоупотреба на службената положба и едно кривично дело Бесправно градење.

Обвинението е за незаконска легализација на поранешните објекти на плац,  а потоа и на земјиштето кај поранешниот ресторан „Имес“.

„Во периодот од 2011-2017 година, првообвинетиот заедно со раководен државен службеник во општината, ја искористиле својата службена положба и овластување постапувајќи во предмети оформени по поднесените Барања за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект. Тие, иако знаеле и биле должни да знаат, дека објектите за кои се поднесени барањата се објекти што не смеат да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, ги потпишале Урбанистичките согласности и дале согласност за вклопување на предметните времени објекти за деловна намена во урбанистичко планската документација. Со потпишаните Решенија за утврдување на правен статус на времените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти, овозможиле три правни и едно физичко лице да се стекнат со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите сопственост на Р.С. Македонија. Првообвинетиот и раководниот државен службеник во општината, со искористување на службената положба и овластување, знаејќи дека постапката за легализација на времените објекти со деловна намена е спроведена спротивно на законските прописи, овозможиле на две правни лица со непосредна спогодба да се стекнат со материјална и имотна корист во вид на градежно земјиште под објект за цена од 438,оо денари по м2, иако според Ценовникот за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште и макролокација на Зони во Град Скопје изнесува 18.000,оо денари за м2. Со преземените дејствија обвинетите го оштетиле Буџетот на Р.С.Македонија во износ од 31.410.000,оо денари. Во текот на истрагата е утврдено дека едно од двете правни лица земјиште со површина од 1533 м2 купено за 671.454,00 денари, по само дваесеттина дена го отуѓило за 40.528.500,00 денари“, стои во обвинителниот акт.

На 19 март годинава, МВР поднесе кривична пријава против Јакимовски и останатите, за што му беше одреден куќен притвор.

На 16 септември Јакимовски беше ослободен и му беа одредени мерки на претпазливост.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ