
Новите членови на Советот на обвинители ветуваат непартиско работење
Новите членови на Советот на јавни обвинители Илиевски и Солев ветија дека ќе работат според законите, а за професионалните конекции што ги имале со СДСМ тврдат дека нема да влијаат врз нивната работа во највисокото обвинителско тело кое бира и разрешува обвинители.
Илиевски кој во неколку предмети го бранеше ексразузнавачот Верушевски вели политичарите се само дел од клиентите и тоа не треба да биде хендикеп за новото работно место. Солев пак вели дека никогаш не бил чен на политичка партија бидејќи најголем дел од кариерата ја поминал во судството – како судија претседател на суд и член на судски совет
„Точно е дека сум бил член на правниот совет на СДСМ. Но, таа функција ми престанала на денот на изборот во Советот на јавни обвинители. Сега веќе не смеам и по законот за обвинители да имам ангажман во партијата од која што јас сум практично предложен. Сега тоа што ќе ме води е исклучиво законот“, тврди Илиевски.
„Како адвокат биле побарани правни мислења понекогаш од адвокатскиот тим на СДСМ коишто како правен стручњак сум ги давал, но никогаш не сум бил член на ниту една партија и не сум учествувал во телата на ниту една политичка партија. Во Советот исклучиво професионално ќе си ја работам работата“, кажа Солев.
За последниот изборот на обвинители за кој многумина рекоа дека постои конфликт на интереси и и непотизам Солев вели дека не е целосно запознаен со ситуацијата.
„Лично не оправдувам избор на обвинители кога се кршат и моралните и законските права, Во иднина како челн ке гледам тоа да не се повторува, она што до сега е направено не може да се санира“, додаде Солев.
Солев рече дека ќе побара да се воведат објективни критериуми за избор на обвинители, односно да се знае секој обвинител какви резултати има што сработил и врз основа на тоа да напредува.
Елена Ивановска Мукоска