Новите амбасадорите ќе ги чекаат новите пратеници

Триесетината македонски амбасади остануваат без амбасадори. За предложените имиња за пополнување на 19 амбасадорски места се уште не се стигнати одобрувањата од државите и меѓународните институциите каде се испраќаат. Со оглед пак дека на 12 февруари се распушта и Собранието каде тие по добивањето на агреманите, пред Комисијата за надворешна политика, ги бранат своите тези, се поизвесно е дека амбасадите ќе почекаат на новите шефови. Теоретски можност да го фатат рокот до распуштање на Собранието имаат само кандидатите за амбасадори во НАТО во Брисел, ОН во Женева, Советот на Европа во Стразбур, каде процедурата за агреман е пократка.

Но некои од имињата и да го стигнат рокот до 12 февруари, пречка да бидат упатени може им биде Законот за МНР. Откако беа обелоденети идните 19 амбасадори, за некои од нив беше објавено дека имаат двојни државјанства што Законот не го дозволува. Претседателот на државата тогаш соопшти дека тој нема да ги потпише указите за амбасадори кои не ги исполнуваат условите. Од Кабинетот на Пендаровски за Телма потврдија дека ставот останува непроменет.

„Доколку се утврди дека некои кандидати не ги исполнуваат законските услови, нема да бидат упатени“, наведуваат од Кабинетот на претседателот.

Од таму за Телма информираат дека се уште немаат финална информација од проверката дали сите кандидати ги исполнуваат условите да бидат именувани.

Во меѓувреме пак МНР предложи нов закон со кој двојното државјанство ќе биде дозволено за амбасадорите. Но иако владата го усвои предлог-законот за МНР на крајот од декември тој се уште не е стигнат во Собрание. Усвоениот документ бил вратен на дополнителнин консултации со уште неколку институции.

„Консултациите со институциите се завршени, привршува техничката редакција на текстот. Следствено, предлог законот се уште не е влезен во собраниска процедура“, велат од МНР за Телма.

Од МНР за Телма информираат и дека законот ќе се носи во редовна постапка. Тоа пак го прави речиси недостижен рокот за донесување на овој закон до распуштање на Собранието, со оглед дека тоа предвидува предлогот да помине две читања во Комисијата за надворешна политика пред да стигне на усвојување пред пратениците.

Со ова се поизвесно е дека и новиот Закон за МНР, но и амбасадорите, ќе го чекаат новиот пратенички состав.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ