Новиот статус на СЈО ќе се решава по одморите, партиите засега без консензус

За новиот статус на старото СЈО пратениците ќе расправаат по одморите. Собранискиот спикер го стави владиниот предлог на седница на 27-ми август. Со тоа им дава шанса да постигнат политички консензус, кој засега е закочен во партиските препирки. ВМРО-ДПМНЕ одбиваат да разговараат за законот на владата, а својот што го презентираа вчера, се уште на го доставиле до пратениците. СДСМ, пак, не сакаат да разговараат за закон што не е доставен по собраниска процедура.

Од партијата остануваат на ставот дека лидерска средба не доаѓа предвид без точка на дневен ред-вонредни избори, а велат и дека, секој обид да се донесе законот по насилен пат, ќе биде погубен, затоа што се работи за закон од кој зависи и евроинтеграцијата на државата. Тие предлагаат, предметите на СЈО за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година и тие што се во фаза на судење, да преминат во надлежност на Републичкиот јавен обвинител и тој да одлучува на кого ќе ја делегира надлежноста за нив. За оваа идеја, министерката за правда вели дека се сомнева дека има цел само да се одолговлечат предметите, но сепак вели дека се подготвени за разговор.

„Според она што го чувме пресот на Мицковски, како да продолжуваат политичките игри за одолговлекување на процесот и ставање на интересите на обвинетите од нивната партија пред интересите на граѓаните и европската перспектива на земјата. Постојано додавање на нови барања и отстапување од претходните кои им биле прифатени, укажува на тоа. Ние сме подготвени за дијалог, но со почитување на црвените линии: Не смее да има скриена амнестија за сериозен криминал и корупција“, вели таа.

Републичкиот обвинител Љубомир Јовески во интервју за тв 24 вели дека, решението на ВМРО-ДПМНЕ „не е рационално, но не значи и дека е неизводливо“. Смета дека, и во таква ситуација,  според надлежноста, најголем дел од предметите би припаднале токму во новото специјализирано одделение за гонење висока корупција и не гледа друга поента во него, освен да се создаде хаос. Префрлањето на сите случаи на СЈО во други обвинителства ќе одземе многу време, затоа што на новите обвинители ќе им бидат потребни месеци за да ги проучат предметите. Не верува дека ова ќе биде прифатено од мнозинството и со оглед на фактот дека, во СЈО е вложено премногу време и ресурси за да се сработат предметите“.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ