Новиот состав на ДИК ќе се избира идната недела

Спикерот Талат Џафери се вклучува во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, час поскоро да ги завршат консултациите за членови на ДИК а претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски да ја закаже седницата.

Собраниски извори за Телма велат дека ВМРО-ДПМНЕ го одоговлекува целиот процес затоа што нема конечен став околу нивните кандидати. Голем дел од партиското членство не се согласувале Оливер Дерковски и Светлана Карапетрова да бидат предложени од најголемата опозициска партија со образложение дека немаат доволно капацитет да одговорат на предизвиците, особено поради фактот што токму некој од од нив треба да биде претседател на ДИК.

Највиското партиско раководство на СДСМ и коалициските партнери веќе ги утврдиле своите кандидати. Поранешниот претседател на ДИК Борис Кондарко, поранешниот член на Комисијата за лустрација Јанакие Витановски и Радица Ристеска, судија од Охрид.

ДУИ се уште нема одлучено кој ќе биде нивен канидат, додека Алијансата на Албанците и БЕСА на Касами ќе предложат заеднички кандидат. Партиите ќе треба да се одлучат меѓу еден од тројцата пријавени, Агрон Меџити, Адмир Шабани и Берат Даути.

На огласот за избор на членови на ДИК се пријавија 41 кандидат. Овој привремен состав на Комисијата со шест месечен мандат ќе треба да го организира најавениот референдум на есен. Според договорот на политичките партии претседателот и двајца членови на ДИК треба да бидат од опозицијата, а партиите на власт ќе предложат потпретседател и тројца членови. Членовите на ДИК, Собранието ги избира со двотретинско мнозинство.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ