
Новиот клинички по стар терк?
Се поизвесно е дека новиот Клинички ќе се гради по теркот на Никола Тодоров. Објектот најверојатно ќе никне на локацијата што ја зацрта екс-министерот, а на која со години зјае празна дупка. Од Владата ниту демантираат, ниту потвдуваат, но деталите што ги соопштија околу изградбата на Клинички се речиси идентични со оние што ги акцентираше претходната владејачка гарнитура. Вчера претставници на Банката на Советот на Европа на владина седница им презентирале неколку опции за новиот клинички, а конечната ќе биде избрана до крајот на февруари. Ова го потенцираше владиниот портпарол Бошњаковски, но се воздража од деталите за локацијата.
Извори за Телма тврдат дека актуелната Влада е обидела да го раскине договорот за нов Клинички, но банката ги предупредила дека тоа ќе значи повлекување на проектите и од други министерства, а во прашање ќе ги доведат и средствата од Светска банка. СДСМ побарала дислокација, но кредиторот нарачал ревизија која покажала дека изградбата на Клинички во Бардовци ќе чини 500 милиони евра, а на актуелната локација четитри пати помалку.
Доколку го раскинат договор со изведувачот и распишат нов тендер , Владата може да се соочи и со тужба од конзорциумот кому му беше доверена изградбата на објектот. Избрани беа Бетон и Гранит здружени со италијанската ИНСО-системи, а договорот со нив беше потпишан на 19 ти мај минатата година.
Тогаш, најгласниот критичер на овој проект беше токму СДСМ. И советуваше на претходната влада да се откаже од него, бидејќи локацијата е погрешна и не нуди решение за проблемите со кои се соочува најголемиот здравствен комплекс во државата.
Весна Јовановска Дојчиновска