
Новинарските организации усогласија критериуми за онлајн медиумите
Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика на медиумите во Македонија, усогласија минимум критериуми што ќе помогнат во заштита и промоција на професионалното новинарство во онлајн медиумите.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ сметаат дека онлајн медиумите треба да ги почитуваат начелата и принципите на новинарската професија, како што се:
– транспарентна сопственост,
– објавување на импресум, контакт и адреса на медиумот,
– прифаќање и почитување на Кодексот на новинарите и
– регистрација на правен субјект во Македонија.
Трите организации бараат од Владата и јавните институции да ги почитуваат овие критериуми при издавање на акредитација на новинарите од онлајн медиумите и ги повикуваа рекламерите да се воздржат од објавување на реклами во онлајн медиумите кои не ги исполнуваат овие критериуми.
„Ако Владата и рекламерите не ги почитуваат овие критериуми директно ќе придонесат кон јакнење на дезинформациите во медиумите и нивно користење за пропагандни цели“, се вели во соопштението на трите организации.