
Нови злоупотреби на хидросистемот Ѓавато
Не завршуваат злоупотребите на водата од хидросистемот Ѓавато. Нови обвинувања дека водата ја користи кој како стигне упати сопственикот на хидроелектраната Топлец, која се наоѓа на брегот на Дојранското Езеро. Кире Илиоски реагира дека системот кај Богданци изграден пред 17 години за спас на Дојранското Езеро е без никаква контрола. Изминатата седмица е испуштана водата низ милни испусти во браната Паљурци за да се наполни акумулацијата каде треба да се одржи риболовен натпревар, со што до езерото и турбините на електраната доаѓале едвај 100 литри во секунда, а во договорот државата е обврзана да му доставува минимум 200 литри вода во секунда. Претходно намерно биле оштетени воздушни вентили на цевководот, што според Илиоски е закана за безбедноста на целиот систем. Вчера, пак, во рок од неколку часа комплетно бил запрен дотурот на вода. Илиоски вели дека за проблемот ги известил и раководителот на Ѓавато и министерството за животна средина.
Од министерството за животна средина пак, негираат дека се запознаени со оваа ситуација. Ниту дале дозвола за полнење на Паљурци, ниту е побарана согласност. Од кабинетот на министерот информираат дека ќе ги истражат тврдењата на Илиоски и ќе се бара одговорност доколку се докаже дека Паљурци се полни од водата на Ѓавато.
Според упатени во проблемот, водата на Ѓавато ја користи и сопственик на рибник кој во текот на летото со див приклучок го полни рибникот од Ѓавато. Досега е утврдено дека бесплатно вода користат земјоделски задруги, индивидуални земјоделци, но и комуналното претпријатие на Богданци. Инспекторатот за животна средина упатува дека треба да се испита и договорот со хидроелектраната Топлец, затоа што е склучен на само неколку месеци пред ликвидацијата на јавното претпријатие Дојранско Езеро.
Случајот со злупотребата на водата од Ѓавато веќе е во рацете на полицијата. Инспектори од канцеларијата за криминалистика, Гевгелија ги викале на распит раководителот и вработени во хидросистемот, каде според Инспекторатот за животна средина владее неред и беззаконие најмалку седум години.
Сузана Мицева