Нови телефони пронајдени кај Александар Василевски Нинџа во Шутка

Александар Василевски Нинџа успеал да си обезбеди нови два мобилни телефони во затворот во Шутка, откако минатата недела веќе му беа откриени и земени други два, дознава Телма. Новите биле пронајдени вчера при претрес, но и уште пет сим-картички велат наши извори блиски до истрагата. Три мобилни, затворската полиција пронашла и кај обвинетиот за 27 април – Јане Ченто. Директорот на истражниот затвор во Шутка ниту потврдува ниту негира. Не упати да се обратиме во судот каде вели се испраќаат сите информации поврзани со притворениците. Но, овие не се единствените притвореници кои иако им е забрането, комуницираат со останатиот свет преку телефон, поради што се отвара и прашањето кои се каналите преку кои лесно влегуваат телефони во затворот. Со оглед на строгите контроли за се’ што се внесува се поставува и дилемата дали без помош на вработени може да се прошверцуваат внатре низ портите. Затворската корупција е проблем за која надлежните и невладиниот сектор со години алармира, но освен промената на раководството во затворот, значително кадровско зајакнување во самата установа изминатата година немало.

Според досегашното искуство, одземените телефони од притвореници се праќаат во судот. Од таму се предаваат на обвинителството доколку можат да бидат предмет на интерес за истрагата. И претходно пронајдените телефони на Василевски завршиле во Обвинителството и веќе се дадени на вештачење па не се исклучува и вчера откриените да бидат предмет на анализа со цел да се дојде до нови информации и конекции.

Александар Василевски Нинџа беше шест месеци во бегство поради што истрагата беше прекината и не е на листата имиња на обвинителниот акт за 27 април кој вчера доби позитивно мислење од Кривичниот суд и веќе следната недела ќе биде закажан судски процес. Но, откако Василевски сам се пријави пред десетина дена, истрагата за него продолжила и при сослушувањето се бранел со молчење.  Од петмината кои првично беа недостапни и се бараат со меѓународна потерница, сите освен еден се пријавија сами или беа фатени.

Одлуката на Кривичниот суд за прифаќање на обвинителниот акт, не е базирана на правна аргументација, туку на политичка присила, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија е држава каде Премиерот додека прифаќа и договара промена на име и идентитет, пратеници од опозицијата се обвинуваат за тероризам, познати уметници, актер, оперски пејач се прикажуваат за терористи. Правосудството уште еднаш покажа дека е алатка на власта“ кажаа од ВМРО=ДПМНЕ.

Мегу триесетината обвинети се петте пратенци, припадници на МВР, собраниско обезбедување, организаторите на протестите и од патриотските здруженија. Според обвинението обвинетите дејствувале од различни позиции и групи, но во содејство и координација, а со иста заедничка цел – да се оневозможи натамошното функционирање на законодавниот дом и на пратениците од парламентарното мнозинство.

Елена Ивановска Мукоска

 

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ