
Нови судски рочишта за „Траекторија“ и „Триста“
Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Траекторија“ и „Триста“.
На рочиштето за предметот „Траекторија“, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Ѓеоргиевски, треба да бидат разгледани на материјалните докази.
Претседателот на Судечкиот совет Горан Бошевски на почетокот на минатото рочиште го одби како неоснован предлогот на одбраната смс пораките да бидат отфрлени како докази во постапката.
Груевски, Пешевски, Јанакиески и Ѓеоргиевски се обвинети дека во 2012 и 2013 година при избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања и и овозможиле на кинеската компанија „Синохидро“ да се стекне со имотно-правна корист од над 155 милиони евра.
На рочиштето за предметот „Триста“ во кој е обвинет Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи, неговата одбрана треба да даде воведни зборови, а ќе бидат повикани и четворица сведоци на СЈО.