Нови рочишта за „ТНТ“, „Транспортер“ и „Тендери“

Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на специјалното јавно обвинителство  „ТНТ“, „Транспортер“ и „Тендери“.

Случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, а во него обвинети се поранешните функционери Груевски и Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра. Цаноски и фирмата „Фимет“ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

На обвинителна клупа денеска треба да седне и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа  Милевска, која е првообвинета во случајот „Тендери“, кој се однесува на изведување градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје.

Судењето ќе продолжи со сослушување на аудио снимки кои се доказ во постапката.

Второ и трето обвинетите во овој случај биле членови на комисијата за јавни набавки.

Ново рочиште треба да се одржи и за случајот „Транспортер“ во кој се обвинети поранешниот битолскиот градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ