Нови рочишта за „Монструм“ и „Траекторија“

Во кривичниот суд денеска продолжи рочиштето за предметот на СЈО „Монструм“ во текот на кое треба да бидат сослушани двајца обвинети, Аки Азири и Сами Љута за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година.

На претходното рочиште повеќе од пет часа исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, кои се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

По завршување на рочиштето обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека во понатамошниот тек на судскиот процес ќе се изведуваат старите докази, но исто така ќе бидат изведени и нови докази од Специјалното јавно обвинителство и од страна на одбраната.

Во судот денеска ќе се одржи рочиште и за случајот „Траекторија“ во кој се обвинети четворица поранешни високи владини функционери. Тие се осомничени дека во 2012 и во 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ