
Нови правни дилеми ја следат кампањата за референдумот
Дали Владата се откажува од Референдумската кампања? Дали ќе му ја отстапи на Собранието, кое би било единствениот субјект во пропагандата, иако во него партиципираат различни политички субјекти со различни ставови? Овие прашања ќе бидат одговорени дури на владината седница во среда, но изјавите на вицепремиерката Радмила Шеќеринска укажуваат дека се размислува во тој правец.
Шеќеринска веќе соопшти дека Министерството за одбрана може да одвои безмалку еден милион евра за кампањата. Тоа се пари кои веќе биле наменети за поддршка на НАТО интеграциите. Од другите министерства нема информации со колку средства ќе партиципираат, а Финансии ја „префрлаат топката“ во Влада.
Уште поголема дилема е како Владата ќе изврши пренамена на средствата што ќе ги посочат министерствата и дали е неопходен ребаланс на буџетот. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека сме доведени во некаква апсурдна ситуација.
„Воопшто не се јасни тие процеси. Владата нема конзистентен став и целиот процес поврзан со референдумот и кампањата е нејасен. Многу е невообичаено што таа ги повика министерствата да одвојат средства кои во буџетот биле за слична намена. Која е таа слична намена?“, вели Харедини.
Многу недоумици има и во Собранието. Обид за нивно разрешување ќе има во среда, кога е закажана координација кај спикерот Талат Џафери. Пратениците се согласуваат дека постои правен вакуум што ДИК не го разреши.
ДИК посочи дека Собранието како предлагач треба да ја води пропагандата. Сега, тоа треба да утврди дали и каква кампања ќе води, дали ќе се формира некаков штаб за пропаганда, дали во него ќе учествуваат сите парламентарни партии, како ќе бидат презентирани различните политички мислења и кој би бил потписник на посебната жиро сметка.
Соња Николовска