
Нови правила за пратениците, или 20 отсто за патни трошоци или 400 евра за стан во Скопје
Ќе се намалат ли трошоците за бензин од државната каса? Од стартот на идниот месец за народните избраници од внатрешноста кои немаат стан или куќа во Скопје ќе важат нови правила – ќе треба да одберат дали на работа ќе одат со свој автомобил и за тоа ќе добиваат надомест за гориво и патарина од 20 отсто, или ќе закупат стан во главниот град, за што Собранието нема да смее да потроши повеќе од 400 евра за киријата и 100 евра за комуналните услуги. Во тој случај патни трошоци ќе им се покриваат само за викенд и празници.
Вакви одлуки усвои Комисијата за избори и именувања, по претходно направени и соодветни законски измени, а следува откако претходно на пратениците им се покриваа 30 отсто од трошоците. Дел од нив, независно на која политичка опција припаѓаат, инкасираа прилично големи суми, годишно и над 10 илјади евра.
Пратениците пресметале дека новиот модел драстично ќе ги намали трошењата на народни пари, а ќе се намалат и можностите за злоупотреби. Патувањата многу потешко ќе ги правдаат, бидејќи патарините ќе мора да ги плаќаат со картички, за што ќе мора да приоложат доказ. И кај закупот ќе немало шанси за малверзации, Собранието директно ќе ги исплаќа парите на закуподавачите и на компаниите што нудат комунални услуги, а услов е пратениците да немаат свој стан или куќа во главниот град.
Од владејачкото мнозинство велат дека досега многу пати ја покажале отчетноста и транспарентноста, ова е уште еден пример. Хари Локвенец од СДСМ одлучил и натаму да патува секој ден со автомобил, вели најбитен е контактот со непосредните гласачи.
„За 30 отсто се намалуваат трошоците за гориво, со што го иксполнивме предизборното ветување. На овој начин ќе се тргнат сите шпекулации околу пратениците. Досега го покажав мојот став кон важноста од секојдневна комуникација со граѓаните, мислам ќе продолжам да патувам“, вели Локвенец.
И опозицијата ја поздравува одлуката, Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ вели дека пратениците долго беа на удар за законитоста околу исплатата на патните трошоци, таа размислува за користење стан во Скопје.
„Мислам дека ќе ја прифатам одлуката за користење стан, тоа е евтино решение, пратениците ќе бидат ослободени од секакви сомнеѓи, бидејќи префрлањето пари е директно межу Собранието и закуподавецот, па пратениците нема да бидат на удар дека недозволено користеле парични средства“, вели Кузмановска.
Најновите листи на медиумите кои истражуваа покажаа дека лидер во патни трошоци бил пратеникот Алија Камберовски од ПЕИ, кој за девет месеци наплатил над 12 илјади и 800 евра, следуваше Мира Стојческа од СДСМ, со 11 илјади и 700, која остана запаметена и по изјавата дека зголемената акциза за дизелот немало да ги погоди сиромашните оти тие не возат автомобил, па следуваше Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ со инкасирани над 11 илјади и 400 евра за истиот период. Тоа беше причина за голем граѓански револт, особено кај вработените од приватниот сектор.
Нина Нинеска-Фиданоска