
Нови лица на партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ привремено ќе ја води Благица Ласовска, додека в.д претседател на Унијата на млади сили ќе биде Јован Јаулески. Двајцата се именувани од Извршниот комитет на партијата, по оставките на Даниела Рангелова и Лука Кржалоски. Партијата му се заблагодари и на досегашниот координатор на пратеничката група, Драган Данев, кој си даде оставка од позицијата на која беше само осум месеци. На негово место е поставен штипјанецот Никола Мицевски. Стариот и новиот координатор денеска на заедничка прес конференција изјавија дека ќе настапуваат како една пратеничка група, во која остануваат и Рангелова, Лилјана Кузмановска и Лилјана Затуроска кои според партискиот статут, мораа да си поднесат оставки на партиските функции веднаш по неа.
Досегашниот координатор не ги образложи причините за своето повлекување. Шпекулациите дека не е во добри односи со раководството почнаа откако гласаше на референдумот, но подоцна не го даде својот глас за уставните измени и учествуваше во прославата за 23-ти октомври.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сега брои 39 пратеници иако стартуваше со 51. Кон парламентарното мнозинство се приклучија пратениците Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани, а осум пратеници формираа независна пратеничка група, откако беа исклучени од партијата по гласањето за уставните измени. Од партијата синоќа беше испратено соопштение во кое се вели дека, без оглед на сите закани, уцени и притисоци, продолжуваат на истиот курс во заштита на највисоките државни и национални интереси.
Во соопштението се вели и дека членството на Македонија во ЕУ и НАТО останува приоритет во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ, но со особен акцент да не се наруши достоинството на Македонија и македонскиот народ.
Далиборка Дамјанска Цветановска