
Нови четири месеци доверба за „Екоцентар 97“ да продолжи да чисти во ОХИС
Запаливиот винил хлорид во ОХИС ја спаси фирмата „Екоцентар 97“ од раскинување на догворот за чистење во ОХИС. Собранието на доверители по два часа дискусија во стечајниот суд и додели нови 4 месеци рок. Според стечајниот управник на ОХИС, „Екоцентар“ навреме известил дека нема да успее да го острани винил хлорид.
Застапникот на вработените во судот гласал против и побарал активирање на гаранцијата, од 2 милиони евра, бидејќи фирмата не си ги завршила обврските во рокот од 9 месеци.
„Екоцентар“ заглави со 11-тата отровна хемикалија која ниту една специјализирана печка од странство не сакала да ја уништи во летниот период. Спротивно од одлуката доверителите е ставот на министерот за животна средина според кого оваа задача требало да ја добие меѓународна фирма со иксуство.
„Сакам да му пријдеме на сличен начин. Сакам да повикаме интернационални компании кои имаат искуство со овој тип на хемикалии за тие да можат да ги третираат и или извесуваат според прописите. Како што кажавте, јас сум тука четири месеци. Се обидувам проактивно да работам со меѓународната заедница бидејќи мислам дека тие имаат поголемо искуство а истовремено ги имаат и финансиските средства со кои можат да нè поддржат во вакви случаи, вели Насер Нуредини, министер за животна средина.“
За „Екоцентар“ се уште се чека одлуката од инспекторат за животна средина дали ќе сноси одговорност откако од резервоар се излеа разреден метил акрилат.
Штипската лабараторија која ја доби задачата да го провери работењето на фирмата изминативе 9 месеци во понеделник ќе излезе на терен да провери дали стотиците страници документација се совпаѓаат со она што „Екоцентар“ го работал зад фабричката ограда.
Павле Беловски