Нови „бомби“ за предизборен двобој – Ден Дончев става пари во торба, екс директорот на Фондот ќе одговори утре

Нови бомби, овојпат од разговори и снимки на екс директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев. 4-те материјали, три снимени разговори и едно видео без тон беа објавени на новоотворен канал на Јутјуб.

На снимката се гледа Дончев како става купче кое личи на спакуван кеш во торба.

На аудио-снимките се слушаат разговорите поврзани со продажбата на фирмата Дијамед на шведската компанија Дијаверум.  Дончев ги спомнува имињата на Заев, Вилма од обвинителство која не ја знаел, адвокатот Медарски и директорот на финансиско разузнавање Блажо Трендафилов.

Телма контактираше со Дончев и тој ни рече дека преку соопштение ќе го каже својот став за објавеното утре, без да открива повеќе детали. Обвинителката Вилма Рускоска за Телма рече дека во обвинителството за организиран криминал се водат две постапки за случајот Дијамед.

Првата е пред крај и е против Вера Иванова за продажбата и сомнежите при добивањето на дведецениска лиценца за дијализа поради што во Монако се запленети над 11 милиони евра. Втората е предистрага по пријава од Вера Иванова, која го товари Ден Дончев за рекетирање и оневозможување на продажба на нејзиниот Дијамед на шведската фирма.

Русковска за денешните бомби не одговори дали се дел од постојните истраги, додека во јавното обвинителство кратко ни соопштија дека ги следат состојбите.

Новите бомби беа побрзи од закажаните партиски пресови па претседателот на СДСМ Заев оцени дека ова е дел од предизборната игра во која опозиционерите влегуваат без идеја и концепт и објавуваат снимени разговори со кои вршат манипулации.

Според Заев, ангажманот на Медарски бил поврзан со тужби поврзани со сопственоста и активностите на сателитската телевизија Тотал.

-Снимката ја видов и ќе го прашате Ден Дончев да ви каже каде е таа снимка. Втората работа ја слушнав и во аудио разговорот кој е објавен. Едно што знам, секако ќе дадам одговор откога ќе разговарам и со Ден Дончев околу деталите. Вклученост на Медарски кој се спомнува внатре, кој е мој адвокат, многу често ангажиран и од СДСМ, имало во предмет со Тотал ТВ, каде меѓу себе сопственици воделе пријави до полиција и слично и полицијата постапувала со Тотал ТВ, но секако ќе си каже и Ден Дончев, не би навлегувал во вакви лажни, манипулациски пуштања на снимки, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Опозицијата пак смета дека новите снимки докажуваат криминал во највисоките владини структури поради која мора да има одговорност и казна.

-Денес Зоран Заев требаше да одговори каква релација има со неговиот директор Ден Дончев, во однос на очигледниот рекет кој што го виде целокупната македонска јавност. Каква е поврзаноста на Заев со првата снимка на македонски политичар кој што зема пари пред камера? Дали со тоа што дозволи Ден Дончев нечепнато да се повлече од директорската позиција, практично Зоран Заев овозможи амнестија за овој човек, знаејќи што правел? Затоа што најверојатно го правел во координација со Заев, вели Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ

За помалку од една недела, ова е веќе 4-ти пат да излегуваат снимени разговори, првин беа исечоци од дел од доказите за постапката за Рекет, потоа комплетниот материјал кој го доставил Зоран Милески-Кичеец, потоа беше објавена бомба од разговор на Сашо Мијалков и судијката Софија Лаличиќ снимена во октомври 2013-та, а денеска беа објавени 4-те со Дончев.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ