Нови 48 вработувања во Платежната Агенција за подобро користење на ИПАРД парите

Нови 48 вработувања во Платежната агенција, мотивот е да се подобри користењето на ИПАРД парите, за што Европската комисија во својот последен извештај за земјава нотираше ризици за нивното искористување, поради што се бара зајакнување на кадровските капацитети. Директорот Бабовски вели дека 28 лица се веќе примени според Законот за работни односи и од оваа недела почнуваат со работа, а набргу ќе има уште 20 нови вработувања. Ова следува откако од почетокот на годинава во Платежната веќе беа вработени 20 лица, и според информациите, тие се на неопределено време.

  • Извештајкот е сосема реален, Агенцијата навистина треба сеуште да ги зајакне своите капацитети. Веќе исплатените 3 милиони евра покажуваат дека сме на добар пат, а имаме таргет до кртајот на годината да исплатиме 8,7 милиони евра, и со тоа навистина ќе го покриеме овој дел од извештајот. Извештајот е во фаза на очекувањата да се дозивршат исплатите“, вели Николче Бабовски, директор на Платежната Агенција.

Но не е само кадровскиот потенцијал проблем на Агенцијата, Европската комисија бара и зголемување на нејзиниот простор за работа, обврска што треба да се заврши до крајот на годинава, за што ќе помогне и Светска банка со 2 милиони евра. Се разговара и со Службата за општи и заеднички работи, но и со министерот за внатрешни, а во игра е или обезбедување дополнителни, или, пак, одење во сосема нови простории, за што треба да се расчистат и имотно правните односи.

Министерот Николовски е свесен за ризиците нотирани од Европа, но уверува дека состојбата ќе се подобри штом ќе се исплатат парите за големите проекти, кои сега се во најава.

  • Крупните проекти кои се веќе реализирани во овој период ги доставуваат барањата до Платежната агенција и таа слика сосема ќе се промени во следните месеци кога одеднаш ќе се исплатат крупните проекти, кои веќе се реализирани, но обврска на ЕК е да го нотира и напредокот, но и ризикот кој реално постои“, вели Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

Преку ИПАРД 2 програмата земјоделците имаат на располагање меѓу 8 и 10 милиони евра, за што денеска е објавена најава за повик. Во наредните 30 дена земјоделците и агробизнисмените треба да ги подготват сите барани документи за да аплицираат, за што надлежните ги пофалија дека значајно се подобриле во последниов период. Кога ќе ја завршат инвестицијата, преку ИПАРД 2 ќе им бидат вратени 65 проценти од направените трошоци.

Може да се аплицира за модернизација или отворање нови погони за производство на тестенини, колачи, фарми за одгледување зајаци, дивеч, насади за дрва и дрвена маса, отворање кино, радио или локална телевизија во рурална средина, сместувачки капацитети и ресторани.

 

Нина Нинеска Фиданоска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ