Нови 12 сомнителни за коронавирус

Попладнево ќе се знае дали има нови случаи на коронавирус во земјава откако ќе бидат готови тестовите врз 12 лица – две лица кои пред 5-6 дена се вратиле од Италија, како и осум кои биле во контакт со брачниот пар од дебарско.

Се тестираат и пациент на инфективното одделение во Штип кој е од Кочани и пациент во Прилеп.

Лицата кои се ставени во изолација поради директорката на Клиниката за дерматологија досега немаат пријавено симптоми на болеста.

„Сите тие се се здрави, немаат никакви симптоми“, рече Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче денеска побара сите субјекти да ги почитуваат препораките на владата – да се ослободи еден родител од работа за деца до 10 години, како и самохрани родители, родители на деца и лица со попреченост до 26 години, бидејќи се затвораат и дневните центри за овие корисници. Мерката не важи за вработените во здравството, полицијата, армијата, пожарна, освен ако двајцата родители не работата во некои од овие сектори.

„Се наметна прашањето дали овие мерки со оглед дека се препораки освен за државни важат и за приватните компании. Напоменувам, важат за сите, заради тоа што ваква мерка за да се заштити јавното здравје мора да важи за сите и непочитување ќе биде санкционирани и канзнето согласно по членот 205 и 206 од Казнениот законик од опасност за ширење на заразна болест“, рече Филипче.

И дел од синдикатите денеска побараа почитување на препораките од работодавачите, но и од работниците.

„Да нема забуни во јавноста. Работодавачот не може да знае кој колкаво дете има, дали има потреба работникот, работничката има потреба да остане дома, за тоа го кажуваме ова: значи се најавува отуство, се носат потврди, се дава изјава“, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

Владата денеска ја објави и листата на болести со кои ќе се ослободува од работа како хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни и малигни заболувања, дијабетес тип 1 и други имунокомпромотирачки состојби.

Филипче побара и покрај мерките на владата и граѓаните да применуваат и самозаштита со помалку движење на јавни места, јавен превоз, масовни собири и често миење на рацете.

Во таа насока денеска ЈСП – Скопје времено го укине бесплатниот превоз за пензионерите, учениците и студентите, а и го редуцираше и возниот ред.

Филипче поради потребата од секој здравствен работник рече дека ќе побара од сите нив да ги откажат и приватните патувања.

Тој информираше дека на границите веќе се спроведува мерката за забрана на влез на директните лини од ризичните региони. Истовремено здравствените власти се уште нема податоци од туристичките агенции колку осмомартовски тури реализирани во критичните региони.

Досега потрошени се 50-на теста за коронавирус од 1.000 со кои располагаат инфективните оделенија, но и покрај тоа што има доволно тестови ќе се набават дополнителни, како и дополнителна респиратори и рентген апарати за Клиниката за Инфективни болести.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ