
Нови 118 случаи на коронавирус од 1.363 тестирања
118 нови случаи со Кови-19 е резултатот од 1.363 направени тестови во последното деноноќие, во кои нема скрининг-тестирања. Од нив во Скопје се речиси половината од позитивните новорегистрираните со Ковид-19 – 55, додека Тетово по вчерашните едноцифрен број позитивни денеска регистрира нови 20 случи. Куманово и Охрид бројат по 9, Ресен 5, Гостивар и Прилеп по 4, а има по еден или два нови случаи и во уште девет други градови во земјава.
Бројот на активни случаи ја помина бројката од 3.000, попрецизно изнесува 3.012 од кои повеќе од половината се во Скопје 1.734. Во главниот град пак најмногу активни случаи продолжува да брои општина Чаир – 402, по што следат Гази Баба со 150, Бутел, Сарај, Аеродром и Центар, сите со по над 130 случаи.
По Скопје по број на активни случаи со Ковид-19 следат Тетово со 322 и Куманово со 250.
Коронавирусот во последното деноноќие однесе и четири животи. Сите биле од Скопје и починале во болницата „8 Септември“. Најмладиот од нив имал 58 години, а бил хоспитализиран на 9 јуни, а по речиси еден месец болничко лекување битката со вирусот ја загубил и пациент на 73 години. Починала и пациентка на 73 години примена во болница вчера, а напред два дена починал и 72-годишник на кој денеска му е потврден на вирусот.
Во моментов на инфективните одделенија во болниците со коронавирус се лечат 388 пациенти, од кои 46 се на кислородна поддршка, а седум на респиратор.
Во зиминатите 24 часа регистрирани се и 74 оздравени.
Во меѓувреме се зголемува бројот на лица кои поради коронавирусот мора да бидат во изолација или самоизолација. Само вчера се издадени речиси 1.000 такви решенија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Истовремено се зголемува и бројот на лица кои поради непочитување на овие решенија ќе завршат во државен карантин на сопствен трошок. Па така уште тројца ќе им се придружат на 13-темина кои полицијата не ги нашла на дома при проверката дали ја почитуваат изолацијата и кои веќе се сместени во два хотели во земјава во карантин.
Тамара Грнчароска