
Новата учебна година со старите проблеми
Започна новата учебна година, но останаа старите проблеми со кои се мачат учениците во основното и средното образование. И покрај новините кои ги најави министерот за образование и наука со кои учениците од прво до трето одделение ќе добијат нови бесплатни учебници и можноста за прв пат да можат оние кои ќе сакаат поради одредени причини да купат нови учебници по истите набавни цени по кои ги откупува МОН, сепак остана проблемот со искинатите и уништени учебници. На социјалните мрежи многубројни се реакциите на родителите кои се жалат на искинатите и уништени учебници кои ги добиле нивните деца.
Истите проблеми ги посочија и средношколците кои ги праша Телма какви се учебниците кои ги добиле оваа учебна година и како се снаоѓаат со оние кои се уништени или искинати.
Од министерството за образование велат дека тие го обновуваат фондот на учебници кои треба да се заменат зависно од пријавените потреби на училишните комисии кои доставуват до МОН информации за количината на учебници која треба да да се набави, , заради оштетеност на оние кои досега се користеле, заради целосно уништување или губење, заради зголемен број на ученици во одредено училиште и слично.
- Доколку комисијата од одредено училиште не пријави во МОН дека одреден учебник треба да се замени со нов и притоа истиот го даде на некој ученик да го користи, тогаш ученикот, доколку не е задоволен има право да се обрати до комисијата за надминување на проблемот, односно за изнаоѓање начин да се замени, соопштија од МОН.
Новата учебна година започна со повисоки плати за наставниците за 5 отсто и со корекции во 24 учебници за кои нема прецизирано датум кога ќе стигнат до учениците. Но изостанаа крупните реформи најавени од претходната министерка Дескоска, како и очекуваните нови закони за основно и средно образование.
Јордан Дуков