
Новата разузнавачка агенција уште нема адреса, посакуваниот објект има нерешени имотни правни односи
Политичките партии ќе предложат сосема нов закон за парламентарен надзор на разузнавачките служби, ова според информациите до кои дојдовме е договорено на средбите меѓу власта и опозицијата во рамките на безбедносните реформи кои треба да завршат и со укинување на УБК и со нова Агенција за национална безбедност. Надзор врз тајните служби е маката која демократијата во Македонија ја преживува речиси три децении. За да се избегнат бегањата на началниците од надзор ќе се подготви детален и прецизен закон. А во моментот еве како функционира надозрот на трите тајни служби. Надзорната комисија ја води Трајко Вељановски, поранешен претседател на Собранието, но актуелен осомничен во истрагата за организација на крвавиот четврток. Вељановски ја преживеа седницата за одземање на неговиот имунитет и не отиде во притвор, но оттогаш досега нема седница на комисијата.
Два извештаи за работата на македонските тајни служби редовно подготвени се доставени во Собранието, уште во март, тврди Зекири, кој е член на надозрната комисија. Но членовите уште не ги добиле извештаите кои според потпретседтаелот на СДСМ се наоѓаат и кај спикерот Талат Џафери и кај комисискиот претседател Вељановски.
Додека Зекири даваше изјава, се појави и спомнатиот Вељановски кој ни кажа дека извештаите се кај спикерот и веднаш кога ќе ги добие ќе ги подели на членовите. Беше договорено да завршат изборите па после да ги разгледаме, ни објаснува Вељановски, кој не сакаше да ги коментира обвинувањата на Зекири.
И двајцата многу скоро ќе треба да гласаат за новите закони за агенција за национална безбедност и за координација на разузнавачката заедница. Преговорите за конечните законски верзии сега не се меѓу експертите туку на политичката маса. Договориле 50-тина амандмани досега, но продолжуваат со преговори. Разговараат и за промена на најпроблематичното решение, премиерот да добие голема улога и моќ во разузнавањето со тоа што и ќе го предлага директорот на новата агенција, но и ќе ја раководи разузнвачката заедница. Втор проблем беше можноста Агенцијата, новата УБК да има своја опрема за независно следење на комуникации. Договорено е новата агенција да има само татктичка опрема, подвижна, како ранци или оние познати жолти комбиња ама под контрола на обвинителството. Сето останато кое оди преку телекомуникациски оператори ќе биде задолжение на ОТА, таму ќе се следат дури и пораки и апликации, а следењето ќе се одвива преку компјутерски програми таканаречени тројанци. Контролата ќе треба да ја вршат пратениците. Роковите со новите закони се премногу оптимистички, планот е до први јуни да биде избран директор на новата агенција, а целата проверка на вработените да заврши до крај на август што поради краткото време остава простор за сомнежи дека нема да има квалитетна проверка на кадрите. Уште не е избран ниту новиот простор за агенцијата за национална безбедност, бидејќи по укинувањето на УБК таа ќе се сели надвор од МВР. Има погоден објект, но бил оптеретен со нерешени имотно-правни односи.
Миомир Серафиновиќ