
Новата куќа на семејството Мирчовски се гради со донации
Од темел се гради домот на семејството Мирчовски од беровското село Русиново, на кого пред пет дена пожар им ја пеплоса куќата. Градежен материјал, но и донации во пари, храна, облека пристигнуваат од сите страни за 12 членото семејство, кој за само еден миг огнените јазици им зедоа се што спечалиле во животот.
Најголемата донација од 8.000 швајцарски франци за ова семејство пристигна од македонскиот иселеник од Швајцарија Мустафа Алиловски и неговите работници кои потекнуваат од ова село, а кои се јавија во Телма за да им помогнат.
Пред да почне изградбата фирми од беровскиот регион и општината помогнаа во расчисттување на јагленосаните остатоци од куќата.
Четирите генерации на семејството Мирчовски меѓу кои и четири малолетни деца во новата куќа, која се гради од донации и од хумани граѓани очекуваат да се вселат за три месеци, дотогаш тие мора да живеат во куќите на нивни роднини, кои им дадоа кров над глава по несреќата.
Викторија Димитрова Јованова