Новата антикорупциска комисија ќе истражува и низ сметките на функционерите, “стоп“ за партиски донатори во ДКСК

Банкарските сметки на функционерите во иднина ќе бидат отворени за антикорупциската комисија која ќе може да проверува дали функциите им донеле поголем имот. Меѓу новините во битката за антикорупција е и забрана член на комисијата да биде поранешен партиски функционер или донатор. Министерката Десковска го прочитала извештајот на СЈО за 4-те судии соработници на власта, и чека реакција од судскиот совет.

Во антикорупциската комисија веќе половина година фотељите се празни, нови членови и претседател на комисијата ќе се бираат по сосема нов закон кој ќе содржи и одредби за спречување на судир на интереси.

Но тоа ќе се средува после референдумот, а денеска почна дебатата за нови решенија, меѓу кои антикорупционерите ќе имаат можност да пребаруваат по банкарските сметки.

-Зајакнати се ингеренциите на комисијата, со што ќе имаат можност за проверка на банкарски сметки на функционерите, за проверка на имотот, изјави министерката за правада Рената Треневска Дескоска.

За експертите пак спорно е што досега надлежните органи избегнуваа да ги истражуваат сомнежите на ДКСК пред се за имотот на политичарите. Никој не знае дали анкетните листови  на функционерите ја зголемиле вредноста на нивниот имот.

– Проверката на имотната состојба е поврзана со проверката на судирот на интереси, затоа што носителите на функциите не ги пријавуваат интересите вклучително сопственоста на компании кои подоцна се јавуваат во различни постапки, изјави Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл.

Членови па дури и поранешен претседател на Антикорупциска комисија беа партиски донатори или партиски членови на претходната власт, па сега се предлага транспарентен избор на луѓе кои навистина ќе се борат против корупцијата, а не на партиски војници.

-Еден од критериумите за избор на член или претседател на Антикорупциската комисија е тоа лице да не вршело политичка функција во Владата, во Парламентот, ниту да било донатор на политички партии во последните 10 години. На некој начин сакаме избор на лица кои не биле во тесна врска со политички партии, истакна Дескоска.  

Покрај антикорупцијата и судиите се ресорна обврска на Десковска. Го прочитала извештајот на СЈО за 4-те судии меѓу кои за блиска врска со власта е спомнат и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски  и вели дека за нив е надлежен судскиот совет.

Министерство за правда ниту има надлежност ниту може да се меша. Ние очекуваме, како што очекуваат и сите граѓани, дека судскиот совет ќе си ја работи професионално работата и и ќе ги земе во предвид, сите укажувања, сите факти и докази кои ги даваат релевантни институции во Република Македонија, вели Дескоска.

Прашање: Г-дин Караџовски (претседател на Судски Совет,н.з.) вели не е известен, не можел да го најде, не го прочитал извештајот на СЈО?

Треневска Дескоска: Не знам за тоа, но тој (извештајот) е јавно достапен. Не треба никој посебно да се известува, тој е јавно достапен и го има на веб сајт каде и јас го прочитав.  

Претседателот на судски совет Зоран Караџовски телефонски ни изјави дека го видел извештајот и дека останува на истиот коментар. Караџовски неколку дена откако СЈО го објави велеше дека не го прочитал извештајот за судиските злоупотреби.

 Миомир Серафиновиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ