Нова видео авантура на вицепремиерот Османи- се билда личниот рејтинг наместо да ги „гони“ надлежните да работат

Вицепремиерот Бујар Османи три недели по првата инспекциска обиколка се одлучи да покаже уште една на својот фејсбук профил. Проверката ја правеше на граничниот премин кај Струга Ќафасан, каде на 16-ти септември беше отворен новиот терминал. Парите околу 1,7 милиони евра за терминалот донираше Европската унија од своите фондови. Иако тогаш не беше на отварањето со евро-амбасадарот, премиерот и неколку министри и директори, Османи смета дека тој е надлежен за проверка до каде е тој проект и кога меѓу АЛбанија и Македонија ќе има само една гранично-царинска контрола односно ќе се минува по принцип Оне стоп шоп. За тоа по пат кон Струга, Османи се јавуваше и на министерот Крешник Бектеши и на заменик директорот Ирфан Бучи.

Според познавачите на политичкиот маркетинг, и покрај пораките на Османи дека тој е надлежен за спроведување на европските пари, видео авантурите личат повеќе на билдање на повисок личен рејтинг и во неговата партија и во политиката отколку на полза за граѓаните. За активностите кои тој ги бара, има надлежни институции, инспекци, државни органи и патот води преку нив официјално, а не преку телефонски повици, објаснуваат за Телма експертите. Граѓаните пак и преку социјалните мрежи и преку јавни коментари го споредуваат со екс премиерот, бегалецот Никола Груевски кој решаваше проблеми преку телефон.

Османи не се откажува, најави и други проверки на проекти кои се градат со европски пари. Во последните десет години тој сподели податок дека над милијарда и двесте милиони евра помош од ЕУ фондовите се донирани во државата. Од владата не одговорија на прашањето за начинот на контрола на вицепремиерот, иако пред три недели по првото видео ни одговорија дека „претставниците на владата често имаат активности и вршат обиколки на институции, објекти и да проверуваат дали и како се спроведуваат проектите, законите и обврските“.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ