Нова рунда преговори за Законот за обвинителство

            Се обновуваат меѓупартиските преговори за новиот закон за обвинителство. Од преговарачкиот тим на Владата потврдуваат дека утре стартува новиот обид за усогласување на законските решенија. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека предлогот потекнува од нив и дека се отворени за разговори во текот на утрешниот ден или за време на викендот.

            Министерот за евроинтеграции Бујар Османи верува дека разликите меѓу двете страни можат да се надминат. При тоа, треба да се има предвид европската перспектива во октомври.

            Според Османи, случајот Рекет е тест за институциите кои треба да покажат низок праг на толеранција кон криминалот, исто како во Европа.

            И во ВМРО ДПМНЕ настојуваат да им дадат шанса на преговорите.

            Министерката за правда Рената Треневска Десковска вели дека сега фокусот треба да се стави на барање консензус во Собранието.

            -Политичката клима за носење на овој закон никогаш не беше добра. Посебен предизвик е што треба да бараме поддршка од лица кои се осомничени или обвинети, или пак се дел од партии против чие раководство се води судска постапка. Но истовремено, сите партии имаат шанса да покажат дека навистина се посветени на борба против криминалот и корупцијата. За жал, таква волја кај најголемата опозициска партија не видовме, смета Рената Треневска Десковска, Министер за правда во интервју за весникот „Независен“.

            Предлог-законот за обвинителство е на дневен ред на собраниска седница во вторник. Нуди спојување на СЈО со Обвинителството за организиран криминал и спојување на сите обвинители и на останатите ресурси во една целина. За опозицијата, најпроблематичен е токму овој дел. Предлагаат друг текст на законот, според мој, обвинителите на СЈО се враќаат во обвинителствата од кои дојдоа. Повеќемесечните преговори не дадоа резултат.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ