
Нова екстрадиција за Горан Грујевски и Никола Бошкоски
Министерството за правда отпочна постапка за ново барање за екстрадиција на обвинетите контрараузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски, потврдија за Телма, извори од министерството. Со новата постапка ќе се бара Грујевски и Бошкоски да бидат испорачани во државата за да се завршат судските процеси против нив. Министерството за правда во текот на оваа недела конечно од Грција ги добило документите за одбивањето на првата екстрадиција. Тие документи грчките власти ги испратиле по ургенција откако со месеци не испраќаа никаква официјална информација за одбиената екстрадиција. Грчкиот Врховен суд уште во мај одлучи да го отфрли барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски иако пониските судови во Солун ја одобрија екстрадицијата. Судот во Атина одби екстрадиција поради тоа што Грујовски и Бошкоски претходно имале аболиција од македонскиот претседател Иванов. Оттогаш до оваа недела македонските власти чекаа официјална информација за да упатат ново барање со објаснување за повлечената аболиција на Иванов. Горан Грујевски е веќе осуден на 18 месеци затвор за случајот Тврдина 2, а против него има уште две обвиненија меѓу кои и за Тврдина-Таргет каде меѓу другото е обвинет за нелегално прислушување на илјадници јавни личности. Бошкоски пак е обвинет во Тврдина Таргет, а двајцата избегаа заедно искористувајќи ја спората судска реакција за нивниот притвор. Беа најдени во Грција лани летоска со лажни бугарски пасоши на аеродром во Солун. Нивните имиња беа кажани и на судењето за крвавиот четврток, каде тројца обвинети ги посочија дека учествувале во реализацијата на планот за упадот во Собранието. За тој настан, не се обвинети ниту Грујевски ниту Бошкоски, а екстрадицијата која ја одби грчкиот суд беше само за случаите на СЈО. Новата екстрадиција ќе биде побарана бидејќи и двајцата се покажуваат како клучни сведоци за многу валкани работи во Македонија.
Миомир Серафиновиќ