Нов закон, па нови антикорупционери

Новите антикорупционери ќе бидат бирани според највисоки европски критериуми, ветува министерката Рената Треневска-Десковска. Селекцијата ќе се врши со интервју пред широк комисиски состав во кој ќе членуваат академици, професори, новинари и граѓански активисти. Постапката за избор на најдобрите е уредена со две алтернативни решенија, за кои во моментов се очекува мислењето на експертите на Европската комисија.

Европските експерти сугерираат Антикорупциската комисија да брои 5 наместо досегашните 7 члена. Сметаат дека тие треба да ја водат целата прекршочната процедура, а Судот да одлучува само по тужбите. Со новиот закон, Секретаријатот треба да преземе дел од надлежностите од Комисијата. Министерката Дескоска смета дека не треба да се брза со изборот на членови на Комисијата додека не се воведат новите критериуми.

Комисијата за спречување корупција не е во функција од март годинава, кога пет нејзини члена не чекаа да бидат разрешени туку сами си поднесоа оставки. За нивните места конкурираа 39 кандидати. Пред два дена, Комисијата за избори и именувања се обиде да утврди предлог-состав како до сега, со договор меѓу партиите, но седницата беше прекината. Новиот закон веќе е во собраниска процедура. Владата ќе предложи амандмани за да ги воведе решенијата усогласени со европските експерти. Се надева дека до Нова Година, Законот може да биде донесен.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ