Нов тендер за автопатот Скопје-Блаце

Јавното претпријатие за државни патишта со нов тендер ќе ја бара компанијата која треба да почне да го гради  авотпатот Скопје – Блаце. Денеска е објавен нов повик, откако пропадна првиот бидејќи единствената домашна градежна компанија која се пријавила барала повеќе пари од тие што ги предвидело претпријатието.

Па така во новиот повик расте и сумата. Наместо 10, дознаваме дека  е проценето да се потрошат речиси 12,5 милиони евра за помалку од 2 километри пат од  границата со Косово до село Блаце.

Овој дел  треба да се изгради за 18 месеци. А наредната година треба да почне градбата и на делот до Скопје кој е долг 10,5 километри и да се гради  36 месеци.

Иако десетина година се најавува овој автопат важен за бизнисот во земјава,  последните две години следуваа само ветувања дека само што не почнал да се гради. но останува неизвесно дали  првата лопата ќе биде  удредна до крајот на  годинава.

Отворањето на понудите за овие 2 километри од автопатот е закажано на крајот на ноември.

Од Комората на северозападна Македонија бараат од Владата да ги забрза процедурите и да работи со побрзо темпо за да не ги фати предизборието и 3ти-јануари кога треба да се прогласи техничката Влада.

Трансформацијата на патот Скопје-Блаце останува инфраструктурен проект од клучно значење за бизнисот во државата со оглед на фактот дека Косово ни е пазар со кој имаме сеуште трговски суфицит. Бараме од Владата на РСМ што побрзо да ги среди сите технички недоследности, да повтори постапка се во рамки на закон и утврдени рокови со цел да се почне со работа и да се работи со побрзано темпо пред да се формира техничка Влада.“– велат од Комората на северозападна Македонија.

Уште во 2017 година министерот за транспорт Сугарески, презентирајќи го буџетот за наредната година, прв ја најави изградба на овој автопат. Премиерот Заев пак на крајот на мај годинава на свеченоста за пуштањето на автопатот од косовска страна вети дека ќе се забрзаат постапките и кај нас. Планирано е  автопатот Скопје- Блаце вкупно да  чини над 110 милиони евра, а тој да е готов во 2023-тата година.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ