Нов состав на ДИК до крајот на јуни

Политичките партии се договорија до крајот на јуни да се избере нов состав на ДИК. Измените на Изборниот законик ќе се најдат на дневен ред на собраниска седница на 21 мај. Се враќа старото решение. Опозициските партии ќе имаат тројца членови, а владејачките – четири.

Ова ќе биде преодно решение по што партиите повторно ќе седнат на заедничка маса и ќе дебатираат за законските измени.

Со измените на Изборниот законик се предвидува да и престане мандатот на Ермира Асани Алија која беше единствениот член на ДИК од стариот состав  кој не си поднесе оставка. Се менуваат и условите заизбор на претседател, потпретседател и членови на комисијата. Според предлогот, лицето кое ќе биде избрано за член треба да е државјанин на Македонија со постојано место на живеење, да има завршено високо образование со најмалку 8 годишно работно искуство и да не е член на орган на политичка партија. Собранието огласот го објавува во Службен весник а предлог листата со кандидати ја утврдува собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата. Изборот се врши со двотретинско мнозинство. Партиите во наредниот период ќе ги интензивираат и разговорите за целосна реформа на изборниот модел, можноста за една изборна единица и отворени кандидатски листи.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ