
Нов повик и услови за субвенциониран авиопревозник, Сугарески ги повика компаниите да се јават
Откако пред повеќе од две недели, со образложение – техничка грешка, го поништи претходниот јавен повик за доделување субвенции за евтини летови, Владата денеска почнува нова постапка. На денешната седница донела уредба со нови критериуми кои ќе треба да ги исполнуваат авиопревозниците за да добијат државна парична помош. Компанијата што ќе се избере субвенциите ќе почне да ги добива дури од стартот на идната година, откако ќе стартува новата тригодишна програма за поддршка. Набргу ќе се формира Комисија, која ќе го објави новиот јавен повик, во домашни и странски гласила. Владата сега бара нови критериуми што ќе мора да ги исполнат оние што ќе влезат во трката.
„Избраниот авиопревозник ќе има обврска од 10 јануари 2019 да воспостави и да одржува база од најмалку еден авион, било во Скопје, било во Охрид. Најдоцна до 10 јануари тој ќе има обврска и да воведе најмалку две нови дестинации од Скопје и истите да ги опслужуваат, односно четири од аеродромот во Охрид, првите две до 10 јануари 2019, останатите за една година од склучувањето на договорот“, вели министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
На секоја нова дестинација што ќе ја воведе авиопревозникот од охридскиот аеродром, претходните две години не требало да има редовна авиолинија. Ако има постојани дестинации, компанијата што ќе сака да добие субвенции, мора да ги опслужува најмалку два пати неделно по која било од ИАТА сезоните, по однапред определен лет.
Сугарески ветува фер постапка. Ги повика сите заинтересирани да се пријават, уверувајќи дека ќе се избере авиопревозник со најдобрата понуда. Министерот не криеше дека деновиве имале средби со многу компании кои би се јавиле, а ќе има и следниве денови, се додека не се распише повикот. Но тој тврди дека не знае дали и кои превозници ќе се пријават.
„Не, немам поконкретни сознанија, јас постојано давам апели дека треба да се пријават поголем број компании, не сакам да се фаворизира ниедна компанија и сакам целокупната постапка да биде фер, транспарентна и законска, и да се засврши успешно за да овозможиме на граѓаните да ги користат овие летови. Нашата цел е да после јавниот повик да се избере авиокомпанија, и бидејќи и Владата има определено средства и во Буџетот, сметаме дека ова е многу добра мерка, и ќе направиме се што е во инетерс и бенефит на граѓаните“, вели министерот.
Телма ја праша унгарската Визер, која во изминатите седум години доби државна помош од 9,5 милиони евра, а единствена се јави на претходниот повик, дали повторно ќе влезе во игра. „Немаме коментар“, е единствениот одговор што го добивме оттаму. Со претходниот повик беа одредени субвенции од 5 милиони евра, кои требаше да се исплаќаат од втората половина на годинава.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, коментираа дека министерот Сугарески бил смешен со изјавата дека се залага за фер транспарентно избирање на авио превозник.
„Власта денес се правда дека бара и мотивира и други превозници, кои би отвориле многу дополнителни дестинации, но единствено ги избрка постојните“, веласт од партијата.
Владата, велат оттаму, во целиот овој период не ја исклучила ни постапката за национален авиопревозник. Откако претходната студија покажала дека нема исплатливост, сега Транспорт ќе прави нови анализи дали таа да се обнови, а потоа би се избрал и консултант за таа намена.
Нина Нинеска-Фиданоска