Нов обид за смена на Меј на чело на Конзервативната партија и британската влада

Незадоволните пратеници од Конзервативната партија конечно ја поднесоа иницијативата за гласање недоверба на Тереза Меј на лидерската позиција на партијата. Одложувањето на гласањето во британскиот парламент за предлог договорот за напуштање на унијата, беше последната капка за незадовлните Ториевци.

Сите ја видовме ужасната тешкотија во која се заплетка премиерката обидувајќи се да ги помири позициите кои се навистина непомирливи, рече пратеникот од редовите на Ториевците Сер Криспин Блант.

Поради тоа Меј ги откажа планираните средби со европските лидери и најави дека со сите сили ќе се бори за да ја задржи позицијата. Таа предупреди дека потегот на нејзините сопартијци го загрозува напуштањето на унијата и иднината на земјата.

Недели потрошени во меѓусебни расправии ќе создадат дополнителни поделби. Токму кога треба да бидеме обединети во службата кон државата. Ништо од ова не е во националниот интерес, вели Меј.

Предложената гаранција дека нема да постои граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска, разгневни многу пратеници и пионери на Брегзитот. Тие обвинуваат дека со постоењето на тој аспект од договорот, т.н бекстоп, Британија ќе остане засекогаш врзана за царанската унија на Брисел.

Џејкоб Рис Мог – Пратеник од Конзервативната партија во Долниот дом

Референдумот на Конзервативната партија, кој речиси сите пратеници го подржаа јасно кажува дека ќе ја напуштиме Царинската унија. Немаше мали букви кои велеа „освен ако не одлучиме за гаранција дека ова ќе биде постојана Царинска унија, која е потешко да се напушти отколку напуштањето на ЕУ под Членот 50, тврди Џејкоб Рис Мог, еден од иницијаторите на гласањето.

Поради тесната временска рамка Комитетот 1922, како што се нарекува парламентарната група на Ториевците, одлучи гласањето да се одржи уште вечерва. Доколку Тереза Меј го добие гласањето, таа ќе биде заштитена од нова интерпелација  во наредните 12 месеци. Доколку го загуби пак, Конзервативната парија и Британија ќе добијат нов премиер. Партијата ќе започне процедура за избор на нов лидер, во која Меј нема право да учествува.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ